Се закопува ли историјата на Калето пред да биде откопана?
Новата управна зграда на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ се гради врз можен археолошки локалитет, односно на локација на која би можел да се наоѓа Долен град на средновековно Скопје. По уривањето на старите бараки на претпријатието и ископувањето дупка за темелите, изградбата е запрена. Од „Водовод“ тврдат дека запирањето на постапката не е поврзано со евентуални археолошки наоди. Се закопува ли историјата на Калето пред воопшто да биде откопана?!
- Имаме уште една недела предвиден рок на жалби, а потоа ќе се потпише договор и ќе биде поставен камен-темелникот. Тоа е единствената причина за запирање на изградбата. Инаку имаме интензивна комуникација со Управата за заштита на културното наследство, која врши надзор при градежните работи. Ако се открие нешто, веднаш ќе се реагира. Првичните сознанија што ги имаме се дека таму нема археолошки остатоци - велат од ЈП „Водовод и канализација“.
Управата за заштита на културното наследство, пак, дала согласност за копање и за изградба на објект на оваа локација, со препорака за надзор од стручно лице, а под претпоставка дека археолошки наоди се можни.
- Во нашата согласност стои дека локацијата е во близината на Скопското кале и дека се можни остатоци. Тие се должни при ископите на темелите да застанат штом ќе забележат нешто, ако има нешто вредно. Затоа при изведувањето на градежните активности на локации за кои не сме сигурни што кријат е неопходно присуство на стручно лице. Редовно се следи таа работа. Ако има остатоци, ќе треба прво да завршат археолошките зафати, кои, според законот, ќе ги финансира инвеститорот на објектот, бидејќи негов е интересот тука да гради - вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.
Ако се најдат артефакти, вели Кузман, предложено е тие да бидат вклопени во целокупниот проект за Калето.
- Засега немаме податоци од надлежните дека работите се запрени поради такви остатоци - вели Кузман.
Тој тврди дека нема опасност од оштетување на евентуалните наоди поради копањето со големи машини каква што е багерот.
- Мора да се копа со багер, со што друго? Ако има стручно лице, не може да се нанесе штета. Сме работеле со багери и на други локалитети, кога ќе се наиде на првиот културен камен, се вика стоп! Не ја отфрлам претпоставката тука да има артефакти, бидејќи Калето е многу блиску, можно е да има културни слоеви и затоа поставивме услови - вели Кузман.
Просторот каде што ќе се издигне новата управна зграда на „Водовод“ се наоѓа во непосредна близина на Скопското кале. Археологот Драги Митревски, кој ги истражуваше бедемите на Калето, вели дека е можно, иако малку веројатно, тука да е локацијата на Долниот град.
- Сепак, додека не се копне, не може да се види, да се знае. Деликатно е, многу е блиску. Но, од друга страна, локацијата е многу изложена на Вардар, не верувам дека таа е дел од градот, бидејќи постојано би бил поплавен. Сепак, со мала сонда мора да се провери дали има слоеви или нема, дали тука имало живот или не. Според мојата логика, тоа е низок терен, и иако има податоци дека градот се шири и на падините, тоа не може со сигурност да се каже - вели Митревски.
Истражување на теренот со сонда не е извршено, туку е избрана другата солуција - присуство на стручно лице при градежните зафати, која според Митревски е исто така можна.
- Процена на Управата за заштита на културното наследство е колкави се шансите нешто да се оштети. Ако има шанси, копањето се прекинува веднаш. Можни се и едната и другата солуција. Ако е извесен локалитет, тогаш за да се добие дозвола за градба просторот претходно мора да се ослободи од археологија - вели Митревски
Дел од стручната археолошка јавност реагираше на случајот на социјалните интернет-мрежи и блогови.
„Јасно е дека ова е можна археолошка локација. Управата за заштита на културното наследство мора да направи сондажно испитување дали во местово има археолошки наоди, во спротивно се прекршува Законот за заштита на културното наследство, а ние уште еднаш сами си го уриваме/уништуваме нашето културно наследство“, вели авторот на volanskopje.blogspot.com.
Во текстот „Се урнаа сите мои скопски археолошки сништа“ на Василка Димитровска, археолог, постиран на arheo.com.mk, таа пишува: „Кога еднаш над некој локалитет ќе помине булдожер, тој ќе биде поплочен или поплавен, или над него ќе се подигне некој објект, засекогаш е загубен за науката. Загубени се и информациите што тој ги содржел и кои неповратно заминале со неговото уништување. Овој пост го пишувам со цел да укажам на можноста од потенцијално загубените археолошки локалитети и артефакти со новите градежни активности што се одвиваа(т) околу Скопското кале и во центарот на Скопје“.
Таа смета дека најголемиот проблем на културното наследство во Македонија е самиот Закон за културно наследство, бидејќи во него не постои член или ставка со која инвеститорот (приватен или државен) пред да преземе градежна активност мора прво да ги повика археолозите.
|
|