Другар Маршале, Македонија треба да го слави најсвечено делото на Кирил и Методиј


Други вести
Највести
  • Читани
  • Коментирани
  • Оценувани
Коментари и дебати
Фросина Димеска
Апсурдни европски закони за поголем профит на компаниите
Со законот е јасно дека ќе се уништат независните и мали производители, оние што истите сорти ги одгледувале со години и со тоа ќе ги смена оние производи што сме навикнати да ги јадеме со години, а ќе треба да се навикнуваме ...
 
Сашо Клековски
На ве­ло­си­пед (1)
Мно­гу­ми­на во­зат ве­ло­си­пед би­деј­ќи ужи­ва­ат во во­зе­ње­то, де­ка е здра­во и де­ка е до­бро за жи­вот­на­та сре­ди­на. Тоа е тој нов вред­но­сен си­стем што мо­же да по­ну­ди мно­гу ре­ше­ни­ја за на­ши­те по­стој­ни ...
 
Нада Поп -Јорданова
За аутизмот повторно
Од податоците што во текот на овие четири години се собраа во ЕССЕА-проектот видовме дека земји што најмногу користат лекови кај аутистичните болни се Македонија и Романија. Наспроти тоа, кај нас речиси нема примена на никаков ...
 
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
 
 

Димитар Влахов, македонски револуционер, пратеник во парламентот на младотурската држава и основач на ВМРО-обединета, како потпретседател на Сојузното собрание на ФНРЈ, на 7 мај 1948 година му испратил писмо на Јосип Броз, во кое бара денот на Кирил и Методиј да се слави како државен празник

 
 
  

НЕПОЗНАТО ПИСМО НА ДИМИТАР ВЛАХОВ ДО ТИТО ОД 1948 ГОДИНА

Минатата година, на една седница на Сесловенскиот комитет за Југославија, присуствуваа и претставници на братските словенски земји: Советскиот Сојуз, Полска, Чехословачка, Бугарија. Јас укажав на настојувањето на бугарските националисти и фашисти да го присвојат делото на Кирил и Методиј и да му дадат големобугарски печат. Истакнав дека тоа е општословенско дело и би требало на тој празник да му се даде неговиот вистински карактер како празник на словенската култура, словенската солидарност, словенското единство, додавајќи притоа дека земја во која тој ден најмногу се празнуваше со децении е Македонија. На оваа аргументација никој од присутните не искажа поинакво мислење и премолчено прифатија на тој празник да му се даде општословенски карактер како празник на словенската солидарност, пишува Димитар Влахов во писмото што на 7 мај 1948 година му го испратил на Тито, замолувајќи го да најде време и да го разгледа неговиот предлог за празнување на ликот и делото на солунските браќа Кирил и Методиј.

Ова досега непознато писмо на Влахов за празнување на делото на сесловенските просветители се чува во збирката документи од архивот на Јосип Броз Тито, каде што има поголем број прилози поврзани со Македонија од 1943 до 1953 година. Според историчарот д-р Новица Велјановски, кој имал увид во архивот на Тито, отворен и ставен на користење на научната јавност од неодамна, фондот содржи мошне значајни документи создавани или архивирани во кабинетот на претседателот на Југославија што фрлаат светлина на многубројните проблеми со кои се соочувала федерацијата во текот на близу 40 години.

ВИСТИНСКИ НАРОДЕН ПРАЗНИК

Во писмото што Димитар Влахов му го испратил на Тито со молба лично да се заземе за решение за државно празнување во чест на Кирил и Методиј, меѓу другото, се вели:

„Другар Маршале, на 24 мај кај нас, во Македонија, како и воопшто во другите словенски земји, се прославува празникот на словенските просветители Кирил и Методиј. Прославата на тој ден во минатото играше голема улога во преродбата на националната свест на Македонците, во нивното обединување и јакнење на нивната борба за национални, културни и политички права. Тој празник беше еден од најголемите празници на македонскиот народ. Тој беше вистински народен празник. Тој ден се собираше целото население од градовите и од селата и беа организирани црковни служби, чествување, игри, веселби итн. Особено активно во тој празник учествуваше училишната младина, затоа што Денот на Кирил и Методиј се сметаше главно како Ден на словенската култура и просвета. Тој ден е една од главните пројави на традицијата на македонскиот народ. Денот на Кирил и Методиј се прославува уште од моментот кога македонскиот народ почна да ја води својата борба за културно, национално, политичко и социјално-економско ослободување, т.е. од пред еден век и половина“, пишува Димитар Влахов, кој во тоа време, пролетта 1948 година, ја извршува функцијата потпретседател на Сојузното собрание на ФНРЈ.
Како што е познато, веднаш по војната, семоќниот Колишевски, заедно со кликата околу него, ги отстранува од државни функции во Македонија сите интелектуалци, испраќајќи ги најчесто во Белград на „принудна работа на неодредено време“. Според хроничарите што го истражуваат овој аспект на македонската повоена историја, ваквата политика всушност е стратегија за ослободување од кадрите што на овој или оној начин го попречуваат процесот на србизација на Македонија, односно, како што ќе каже Павел Шатев уште во 1946 година, власта во Македонија на чело со Колишевски спроведува политика со која состојбата во Вардарска Македонија се карактеризира со тоа што „формата е македонска, а содржината српска“. Инаку, Димитар Влахов во ноември 1944 се враќа од Русија, каде што живее последните осум години, и каде што, по нападот на Германија на Советскиот Сојуз, во јуни 1941 година, учествува во работата на Сесловенскиот комитет како претставник на македонскиот народ.

Во меѓувреме, една година пред тоа, на Второто заседание на АВНОЈ, во отсуство е избран за член на президиумот, а е делегат и на Првото заседание на АСНОМ. По враќањето во штотуку ослободеното Скопје, на 26 ноември 1944 година, на првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов претседател а на Второто заседание на АСНОМ, еден месец подоцна станува и член на претседателството. Во април следната, 1945 година, Влахов е член на президиумот на Народното собрание на Македонија. Иако Влахов, исто како и Шатев, имал универзитетско образование стекнато во Европа, богата револуционерна и политичка активност поврзана со македонското националноослободително дело, македонското повоено државно и партиско раководство, составено претежно од необразовани пролетери, смислено го истиснува од власта во Македонија, испраќајќи го божем на „повисока функција“ во Белград.

Без право на приговор, Влахов е „делегиран“ да ја извршува функцијата потпретседател на президиумот на Сојузното собрание на ФНРЈ, сосема небитна политичка позиција во југословенскиот еднопартиски систем, која тој сепак се обидува да ја искористи за пласирање на македонските интереси во федерацијата. Како потпретседател на Собранието на ФНРЈ, без да се консултира со Колишевски, Влахов му испраќа писмо на Тито со кое бара делото на Кирил и Методиј да се слави како празник на македонскиот, а истовремено и на другите словенски народи.

БУГАРИЈА МУ ДАВА КАРАКТЕР НА БУГАРСКИ ПРАЗНИК

Во писмото до Тито, Влахов меѓу другото пишува:

„Другар Маршале, во Бугарија овој празник се прославува свечено. Тоа е организирано од власта. Особена свеченост на овој празник му била давана за време на фашистичката власт. По ослободувањето на Бугарија од фашистичкото угнетување, новата отечествено-фронтовска власт продолжи да го прославува Денот на Кирил и Методиј. Во Бугарија тој ден е неработен, празничен и на тој ден се организираат големи свечености. Се држат говори, обично од наставниците, се организираат излети, се подготвуваат свечености, веселби, насекаде се зборува за работата на Кирил и Методиј, дека се словенски просветители, дека ја создале ’старобугарската’ писменост и на тој начин се поддржува големобугарштината. Но Кирил и Методиј писменоста му ја дале на целото словенство, а не само на Бугарите. Бидејќи браќата се од Солун, Македонците најживо учествуваат меѓу Словените во прославување на делото на Кирил и Методиј, како и делото на Климент Охридски, еден од учениците на Кирил и Методиј. Во Бугарија на прославувањето му се дава карактер на бугарски празник, со што, се разбира, се дотура вода на воденицата на големобугарштината... Засега ние, Македонците, не го прославуваме овој празник. Јас имав можност да ги слушнам одгласите, не многу поволни за нас, од прогресивни луѓе во Македонија, кои порано ефективно учествувале во прославувањето на Денот на Кирил и Методиј. Сметам дека тој ден треба да се прославува како празник на словенската солидарност и братство. Мислам дека ќе биде најдобро ако Денот на Кирил и Методиј, кај нас, во ФНРЈ, се прогласи за ден на словенската солидарност и ако сите училишта и сите културни установи го прославуваат како ден на нашата култура и просвета“.

ТРЕБА ДА ГО СЛАВИМЕ И СВ. КЛИМЕНТ

Во продолжение на писмото испратено до Тито на 7 мај 1948 година, значи 17 дена пред чествувањето на сесловенските просветители во сите словенски земји, освен во Југославија, тогаш седумдесетгодишниот Димитар Влахов пишува:

„Посебно во Македонија тој ден треба да биде најсвечено прославен, да добие значење какво што имаше во времето кога ние Македонците се боревме против ропството на Фенерот, против пропагандата што ја вршеше Грчката патријаршија, но и против турските паши и султани. Во Македонија тој ден треба да биде славен на највисоко ниво; пожелно е да биде славен на највисоко ниво. На таа свеченост треба да учествуваат не само учениците и работниците на културно поле туку и нашите народни избраници на чело со нашата влада и сите наши народни претставници. Ние треба да се стремиме кон тоа од рацете на бугарските јавни работници и од бугарската власт да го земеме она што нам, Македонците, ни припаѓа.
Истовремено со тоа треба да го манифестираме нашето македонско единство, не само со браќата од Пиринска и Егејска Македонија туку и со нашите браќа-бегалци и иселеници што живеат во Бугарија и на други места во Европа, Америка, Австралија... Исто така, нам ни е потребно да го подигнеме на соодветна висина вистинскиот лик и на другите словенски просветители што се родиле во Македонија и чии заслуги за народното дело сега се искористуваат за целите на големобугарштината. Потребно е, исто така, да ја одбележиме и да ја одбележуваме годишнината од смртта на Климент Охридски, ученик на Кирил и Методиј, еден од големите македонско-словенски просветители, кој во почетокот од 10 век имал школа во Охрид во која учеле 3.500 ученици, од кои многумина станале учители, свештеници, ѓакони, преведувачи на книги и друго“, се вели во писмото.

„Јас ве молам, другар Маршале, да најдете време и да ја разгледате оваа моја сугестија. Убеден сум дека во врска со оваа моја сугестија ќе донесете решение што ќе биде од корист за сите братски народи на ФНРЈ“, завршува Влахов, кој, како што се гледа, иако имал седумдесет години, а бил испратен  во Белград за да не им пречи на младите кадри во Скопје во нивната концепција за градење на новата македонска држава, колку што можел и како што можел, докрај се борел за афирмација на македонскиот народ.

Само пет години подоцна, во април 1953 година, Димитар Влахов веќе не е меѓу живите. Сега, шеесет години подоцна, Денот на свети Кирил и Методиј е државен празник, во Македонија се слави како државен празник. Освен тоа, во меѓувреме, во 1980 година, триесетина години по писмото на Влахов, папата Јован Павле Втори, со апостолско послание, светите Кирил и Методиј ги прогласи за сопокровители на Европа, веднаш до европскиот покровител свети Бенедикт. Се разбира, Влахов бездруго би бил задоволен и од едното и од другото, затоа што самиот сметал дека чествувањето на сесловенските просветители треба да биде празник на културата, солидарноста и единството.

 
   
Автор: Блаже Миневски  
 
   
   
   
     
сподели на пинг    
 
   
Веста е прочитана: 1774          Оценка: 4,02  
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
 
  Powered by Dejan Jovanovski