Наредниве години Скопје ќе расте и во должина и во ширина, но и по бројот на население. Ова го најавуваат речиси сите општини во градот што планираат изградба на нови населби на празното градежно земјиште на кое е дозволено изградба на куќи и згради за живеење. Од јули годинава со процесот на децентрализација државното земјиште, и она што се води како земјоделско и она како градежно, ќе им припадне во владение на општините. Тие уште сега се подготвуваат за искористување на таа шанса. На големо се подготвуваат ДУП онаму каде што нема или, пак, се подготвува пренамена на земјоделското во градежно земјиште, за да можат брзо и лесно да се продадат, изградат, а потоа и да се населат празните државни хектари.
Сите најавуваат интензивна градба, а има и градежни активности на големи површини. Најголема заинтересираност во градот има за индивидуални куќи, а веднаш по нив за станбени згради. Сé повеќе се актуелни и населбите од затворен тип, но голем е и бројот на оние што градат сами. Голема улога во градежната процедура, навиката, методологијата и темпото ќе одигра и Законот за легализација на дивоградби.
- По завршувањето на процесот на легализација на дивоградбите, што е во тек, во нашата општина очекуваме да се зголеми опфатот на нови простори како градежно земјиште. Очекуваме многу приватни инвеститори што ќе сакаат да градат станбени комплекси - ни изјави Снежана Клинчарова, советничка за односи со јавноста во општината Бутел.
Новите населби во главниот град ќе отворат врата за нови населувања. Според неофицијални сознанија, бројот на жители во Скопје надминува над еден милион, што е речиси три пати повеќе од проектираната идеја на архитектот Кензо Танге, кој Скопје го замислил како град за 350.000 жители. Изградба на населби на поголема површина се најавува во општините Гази Баба, Бутел, Аеродром и Кисела Вода.
Во Бутел очекуваат градежен бум
Визбегово, Радишани, Љуботенски Пат се неколкуте населби што се сметаат за најатрактивни потенцијални градилишта на територијата на општина Бутел. Во оваа општина во тек е изградба на населбата Хот и Хот 1, која се простира на површина од 18.000 квадратни метри и има 34 ексклузивни куќи за живеење. Населбата е од затворен тип и е комплетно приватна инвестиција за која општината обезбеди услови за градење уште пред да се активираат градежните зафати. Од оваа општина најавуваат неколку нови градилишта за кои заинтересираност има уште сега.
- Во Бутел интензивно се гради, а се очекува интензитетот да порасне, особено во делот на населбата Љуботенски Пат. Како места за градба ги подготвуваме и населбите Визбегово, Радишани и истоимените села со нивната околина. Според подадените барања за градба, најмногу се бара изградба на индивидуални куќи, но во Бутел ќе се градат и згради. Ќе се градат 400 стана на местото од бараките каде што се наоѓаше старата општина. Ова е проект на Владата и само тука очекуваме неколку илјади нови жители на нашата општина - ни изјави Снежана Клинчарова, советничка за односи со јавноста во општината Бутел.
Од оваа општина очекуваат дополнителна населеност затоа што, како што велат од кабинетот на градоначалникот, имаат многу неизградено градежно земјиште.
- Пред пет години општината имаше околу 36.000 а до денес има барем 1.000 повеќе. Со изградба и вселување на новите згради, населби и индивидуални градби, очекуваме овој број значително да порасне - вели Клинчарова.
Лисиче е следна градежна мета во општината Аеродром
Според деталните урбанистички планови на општината Аеродром, предвидени се неколку локации каде што се планира изградба на над 100 семејни згради и станбени објекти со десетина деловни објекти и комерцијални комплекси. Во оваа општина ќе се градат и нови резиденциски и административни згради, болница, хотели, повеќенаменска сала, забавен парк, затворен базен, затворена хокеј-сала и други објекти како посебни или придружни објекти на населбите што ќе никнат во иднина. Една таква е онаа што веќе почна да се прави зад бензинската пумпа „Макпетрол“ кај Ново Лисиче и спроти ресторанот „Мирко 919“. Во оваа населба се предвидува да живеат околу 1.500 жители. Фирмите што од државата ги купиле парцелите за градба, најмногу за две години треба да ги изградат објектите. Според ДУП, во овој дел би требало да има од 350 до 400 стана. На јавното наддавање минатата година, по три парцели купиле фирмите „Настел“ и „Дијас констракшн“, по две „Адора инженеринг“, „Нова градба“ и „Алфа импорт“, а еден плац купила компанијата „Глиц“. Сите тие платиле по 10.200 денари за квадратен метар. Пет плаца биле продадени по 5.200 денари за квадрат. Од општината велат дека имаат уште празни парцели, кои се водат како градежно неизградено земјиште за кои очекуваат нови инвеститори.
- Вратите на општината се широко отворени за сите бизнисмени, кои ќе го најдат својот интерес за инвестирање во некој од овие атрактивни проекти. Сега за сега има заинтересирани и домашни и странски инвеститори, а некои проекти се веќе почнати - ни изјави Маја Манчевска, портпаролка на општината.
Според последниот попис од 2002 година, во општината Аеродром се регистрирани 72.009 жители, но според најновите процени од општината, нивниот број е зголемен и изнесува над 80.000.
Во Гази Баба ќе никне населба Хиподром 2
Во општината Гази Баба изминатиов период се работеше на изработка планска документација и завршување на детален урбанистички план за изградба на нова населба – Хиподром 2 за 4.000-5.000 жители.
На празниот простор, во непосредна близина на населбата Хиподром, кој во моментов претставува земјоделско земјиште, ќе никне оваа нова населба.
Со урбанистичкиот план „Маџари-Хиподром“, кој беше усвоен од советот на општината Гази Баба, на вкупниот просторот од 36 хектари се предвидува изградба на 1.345 стана.
- Површината за домување во вид на станбени куќи со дворови и како станбени згради ќе изнесува 15 хектари. На преостанатиот простор ќе се градат помали комерцијални и деловни објекти, трговски центри, зелен пазар, а планирана е и изградба на училиште, социјални институции, црква, паркови и објекти за спорт и рекреација - велат од општината.
Земјиштето, кое во моментот претставува обработлива површина, ќе се трансформира во градежно земјиште, а во тек е и решавање на имотноправните односи.
Водно во Центар и Зајчев Рид во Карпош најпосакувани
Во општината Центар речиси и да нема место за изградба на некоја поголема населба. Тука сé уште се актуелни градбите што се карактеризираат како згради за колективно живеење. Единствено делот на Водно остана во дел празно каде што може да се дозволи никнување на некаква помала населба.
Во Карпош веќе е јасно дека поголема населба ќе никне на местото на касарната „Илинден“, а неколку инвеститори го меркаат и Зајчев Рид. Елитна еконаселба во Сопиште или во Зајчев Рид можно е да гради словенечката компанија „Енергоплан“, која го доби тендерот за изградба на зградата на Министерството за финансии. Во тек биле преговори со градоначалниците на засегнатите општини. Во тек е завршната фаза на елитната населба, која ја изгради „Соравија“ на падините на Водно веднаш под Олимписко село.
Инвеститорите во градежништвото велат дека македонскиот пазар има многу потенцијал и можности и дека кај нас последиците од кризата во градежништвото речиси и не се почувствувале. Ова се гледа и по градежниот бум, кој владее речиси цела деценија на територијата на целата држава, особено во главниот град.
| Станбени згради ќе никнат во поранешната касарна во Битола
|
Дека и другите градови не се имуни на градежниот бум, особено во
проектирањето населби за живеење, говори и случајот со Битола, каде што
на местото на поранешната касарна ќе се гради станбено-деловен комплекс.
Пред десетина дена Министерството за транспорт и врски продаде 10
градежни парцели државно земјиште вкупно за над 850 илјади евра, кои
порано беа во склоп на касарната. Од овие 10 парцели, кои беа предмет
на јавно наддавање, осум се предвидени за изградба на станбени згради,
на една парцела ќе се гради хотел, а на една треба да се изгради
деловен простор.
Вкупната површина на сите продадени парцели е над 24 илјади квадратни метри.
|
година број на жители
1913 43.331
1919 51.758
1926 69.269
1931 68.334
1935 70.716
1948 102.600
1953 139.200
1961 197.300
1971 312.300
1981 408.100
1994 448.200
2002 506.926
2006 668.518
- Сите општини во градот што планираат изградба на нови населби на
празното градежно земјиште на кое е дозволено изградба на куќи и згради
за живеење
- На големо се подготвуваат ДУП онаму каде што нема или, пак, се
подготвува пренамена на земјоделското во градежно земјиште, за да можат
брзо и лесно да се продадат, изградат, а потоа и да се населат празните
државни хектари
- Во Карпош веќе е јасно дека поголема населба ќе никне на местото на
касарната „Илинден“, а неколку инвеститори го меркаат и Зајчев Рид
- Според деталните урбанистички планови на општината Аеродром,
предвидени се неколку локации каде што се планира изградба на над 100
семејни згради и станбени објекти со десетина деловни објекти и
комерцијални комплекси.
|
| Нови селски населби во Кисела Вода
|
|
- Припор - Сопиште
Предвидена површина за изградба на населби за домување и тоа на 122 хектари со можност за живеење на 18.228 жители
-Пинтија
На 109 хектари населби за 16.428 жители
- Драчевска зона
На 114 хектари ќе се гради населба за околу 17.000 жители
- Потстаница
На 20 хектари населби за околу 3.000 лица
- Село Драчево
На 188 хектари во околината на селото Драчево изградба на станбена населба од индивидуални куќи за околу 28.000 жители
- Село Усје
Во селото Усје во наредните години, доколку има потреба и интерес, ќе
се гради населба од индивидуални семејни куќи на површина од 85
хектари, каде што би можеле да живеат околу 13.000 лица
Општина Кисела Вода со пописот од 2002 година брои околу 58.000 жители,
се претпоставува дека во 2007 година овој број се зголемил на околу
61.800 жители. Според податоците од општината, минатата година имало
пријавено околу 64.000 жители
|
|
|