Зошто по ѓаволите некој би сакал да живее во растурена просторија? Уште повалидно прашање би било зошто некоја жена би сакала да спие во растурена спална соба и чорапите на мажот да и висат над глава? Мислам... зошто побогу??? Концептуално, ако тргнам да објаснувам што сé стои зад овие прашања, би можел да одам до недоглед. Затоа ќе се задржам на факт што ретко кој во Македонија го елаборирал и јавно се изјаснил по тоа прашање. Големата преселба на ИТ-професионалците од помалите градови до големиот валкан град по цена на добивање квалитетна кариера и квалитетно отфрлање на секаква идеја за „домаќинлук“.
Проблемот овде не лежи во централизирањето на ресурсите и инфраструктурата само во главниот град. Тоа ти е, земјата е мала, не е којзнае што од земја, па да можеме да се споредуваме со Словенија или, пак, Австрија (скраја да е!). Тоа е тоа, градови како Битола, Охрид или Струмица би можеле проблемот на тие што завршуваат технички факултети во нивните градови да го решат со 2-3 фирми со вработени до 100 лица. Тоа би оформило квалитетно јадро на професионалци што нема да го напуштат својот град, нема да прават дополнителен товар на „метрополата“, која и онака не може да си ги искрепи своите жители. Искрено, другите професии многу не ме интересираат. Ниту ги потценувам, ниту ги фаворизирам. Си ја сакам својата професија (информатичар) и не отстапувам од мојата одлука. Арно ама ме чудат работи што, работејќи во корпоративна средина, во огромна (за наши рамки) фирма, секојдневно ги согледувам и сфаќам.
Ако земете предвид дека една голема фирма во Македонија, составена од Х-вработени, се состои од Х, половина од нив се вработени што не се од градот каде што се наоѓа фирмата, тогаш може слободно да го поставите прашањето зошто во другите градови низ земјата постојат технички факултети што обучуваат млад кадар, ИТ-професионалци? Зошто де? Зошто просечен студент од Битола, кој завршил на Факултет за информатика, има веројатност да најде работа во истиот град од 1 процент? (Впрочем мора да ја пофалам Битола во оваа насока. Има само една фирма што вработува програмери, па веројатноста за вработување во овој град е 100 проценти честитки!). Не ни сакам да споменувам дека и во случај кога квалитетен човек би сакал да работи во друг град, едноставно социјалните и материјалните можности му се ограничени што тој не е способен да го направи ни првиот чекор, да се пресели од еден град во друг, за оттаму да може да живее нешто посолиден живот и да се изгради професионално и самостојно. А секако, информатичките технологии од вас нема да направат професионалец ако почнете да работите како препродавач на компјутерска опрема, ниту пак ако од дома си се тупате в гради колку сте добар како професионалец, без осет за тоа како изгледа да се работи во една голема компанија од светски рамки.
Да се биде дел од општеството лично мене не ми значи многу. Денес луѓето се плашат да кажат што мислат и стравуваат дека ќе ја загубат работата или ќе биде поведена постапка против нив за издавање деловни тајни од подземјето на местото каде што работат. Во Македонија оние што треба да го компајлираат општеството, студентите, се дудуци. Телиња. Па не ни очекувам дека тој правец и начин на размислување ќе се смени кога ќе одат во корпоративна средина, каде што секој втор со вратоврска и костум може да се прави Мистер Мускуло, само поради вокацијата што некој му ја залепил. Корпоративните средини во Македонија, во фирми што имаат повеќе од 50 вработени не се ништо поразлични од спалните соби на валканите и мрзливи жени. Кога на „трондлава“ жена ќе и се најават гости за во 19 часот, таа до 18 часот ќе јаде пилешки прсти оптегната пред телевизорот, за потоа сите расфрлени предмети ќе ги „набапка“ во шифоњерот и ќе создаде привидна слика на средена просторија. Гостите ќе дојдат и ќе си одат и ќе зборуваат: „Види, види, шо ти била Паца педантна“. Курсот нема да се смени за скоро. Впрочем овој курс ве очекува и вас кои привршувате со образованието. Авторот е информатичар |
|