|
|
Одрон од камења се истури врз Куќата на Робевци |
|
||||||||||||
Во инцидентот за среќа нема повредени, а причинета е само материјална штета на музејскиот лапидариум |
|||||||||||||
|
|||||||||||||
| Огромна карпа, носена од земјен одрон, завчера го запре својот убиствен од во музејскиот комплекс „Робевци“ во стариот дел на Охрид. Во инцидентот за среќа нема повредени, а причинета е само материјална штета на музејскиот лапидариум. Камената лавина внесе немир кај жителите чии домови се во близината на музејот поради можност од ново лизгање на земјиштето. - Почувствувавме голем тресок и одронување на земја. Карпите беа напукнати пред 4-5 месеци и ние како жители укажавме на опасноста и на потребата од санација. Од Заводот и музеј ни ветија дека ќе го направат тоа, но сега повеќе од сигурно е дека ќе се санира - вели Сашо Точко, граѓанин од овој дел на Охрид. Тој додава дека проблем е и притисокот над земјиштето од новоизградените куќи над карпата. - Објекти со по 5 ката, ископани подруми и други интервенции, сето тоа доведе до оваа ситуација, во која, за среќа, нема жртви и не е причинета поголема штета - објаснува Точко. Директорот на Управата за заштита на културно-историското наследство Паско Кузман, кој заедно со директорката на охридскиот завод и музеј Тања Паскали Бунташеска веднаш излегоа на терен, смета дека одроните се резултат на природните сили. - Ова е резултат на виша сила. Можеше да се случи пред 10 години, сега, идната година, а можеби и по 10 години. Од поодамна се подготвувавме за санација на карпата, но не знаевме дека ќе се сруши сега. Убеден сум дека Министерството за култура, кое веќе има обезбедено средства за оваа намена, брзо ќе реагира, но најверојатно сега ќе ни требаат повеќе средства зашто штетата е поголема отколку што очекувавме - вели директорот Кузман. Опасноста за жителите што живеат над карпата, според него, и натаму лебди. - Динамичката статика на темелите од куќите што висат над карпата е нарушена, така што нивните сопственици ќе треба да се подзагрижат за целата оваа ситуација за која веројатно и тие имаат свој придонес - смета Кузман. За санација на карпата и потпорниот ѕид што се наоѓаше на северната страна од дворното место на Куќата на Робевци, Министерството годинава му префрли на Заводот и музеј милион и 500 илјади денари. Планот е веќе готов, но поради новонастанатата ситуација ќе се подготвува нов проект, објаснува директорката на Заводот и музеј, Тања Паскали Бунташеска. - Пред неколку дена бевме на овој простор заедно со статистичари, геомеханичари и се договоривме на кој начин ќе ја санираме градбата, но временските услови, кои постојано се менуваат, сонце, дожд, снег, си го направија своето. Сега ќе се формира стручен тим од архитекти, статистичари, рударски инженери и геомеханичари и заеднички ќе подготвиме нов проект - најавува Паскали Бунташеска. Деновиве надлежните треба да го расчистат просторот од големите камења и земјата што се одронуваат за да може да се изврши санацијата на карпата, за која засега никој не може со сигурност да потврди колку време ќе се одвива. Опасно да се живее е и во атрактивната населба Канео, сместена на крајбрежјето и во самите карпи. На 2 февруари жителите од населбата самоиницијативно отстранија неколку поголеми камења од карпите, поради опасност по безбедноста на месното население, но и на туристите што секојдневно поминуваат оттука. Тие бараат да се санираат карпите чии одрони честопати ги уништуваат покривите на нивните куќи. |
|||||||||||||
|
|||||||||||||
| Веста е прочитана: 270 Оценка: 2,17 | |||||||||||||
|
|||||||||||||
|
|||||||||||||