|
|
Пензионерите го открија Катланово |
|
||||||
Речиси 80 отсто од пензионерите што користат бесплатна бања се со придружници, бидејќи станува збор за стари лица со преживеан излив, инвалидитет,ревматици |
|||||||
|
|||||||
| Баба Веселинка од Делчево првпат е на бања. Исто како и дедо Ванчо од Свети Николе. И покрај тоа што се во поодминати години и со нарушено здравје, досега не можеле да си дозволат „луксуз“ да отидат на бања, оти немале доволно пари. Ги затекнеме во Катлановска Бања веднаш по нивното пристигнување. Тие се дел од првата група од 500 пензионери што викендов беа распоредени во четирите бањи низ Македонија, во рамките на владиниот проект за седумдневна бесплатна бања. Од 133 пензионери на кои им се паднало Катланово, до 15 часот беа пристигнати само 84. Речиси сите тие првпат се на бања. Кога им спомнавме дека нивните врсници на Запад барем 2-3 пати годишно одат на бањи само кренаа раменици. Велат, фала и на Владата и за ова. - Речиси 80 отсто од пензионерите што дојдоа се со придружници. Станува збор за тешкоболни лица со преживеан излив, инвалидитет, ревматици... Во зависност од дијагнозата и препораката од доктор, на пензионерите им е дозволено да влезат од 10 до 15 минути во базенот со топла вода. Освен бања, им следуваат и сместување, храна и медицински третман - ни изјавија болничарите во бањата. Со доаѓањето на пензионерите капацитетот на бањата од 260 гости целосно се пополни. Во Катлановска Бања има и 120 пациенти дојдени приватно или преку Фондот за здравство. За пензионерите клучен критериум за бесплатна бања е да се во категоријата со најниски примања, по што се гледа и времетраењето на користење пензија и користење туѓа нега. Таков е случајот и со Веселинка Ивановска од Делчево, која е дојдена со сопругот Велко. Заради природата на нејзината болест храна и носат во соба. - Доцна ни ги испратија поканите. Дури пред три дена. Не можеше да се одложи. Со амбулантно возило дојдовме од Делчево - вели Велко. Тој смета дека проектот на Владата е добар, но за болни луѓе малку се само седум дена. Велко специјално за нашиот весник ни го откри својот изум на „лична амбуланта“. Тоа е еден вид греалка на струја што самиот ја направил. - Сé лекувам со неа. Ако ме заболи коленото или грбот, ќе ги допрам да се греат и ми поминува. Исто и за главата и градите. Докторот ми пропиша некакви антибиотици, но ми останаа неотворени - вели дедо Велко, покажувајќи ни го кутичето со апчињата. Гостите во бањата се задоволни од персоналот. - Постојано се покрај нас. Ни кажуваат како да вежбаме во базенот. Пред три недели дојдов со штаки, но еве, гледајте, сега одам сам - ни се пофали еден од нив. Од одговорните лица во Катлановска Бања дознаваме дека уште првиот работен ден во понеделник мора да испратат извештај и список до Министерството за труд и социјална политика за тоа кои лица дошле. Ако не дојдат во предвидениот термин, може да им пропадне мерката. Веќе идната сабота ни доаѓа нова група од 110 пензионери, тврди персоналот. - Добра е оваа идеја на Владата и затоа се нафативме. Првпат доаѓаме на бања. Сé нема пари, мали примања, кај ќе одиш. Меѓу последните се пријавивме, но ете нé ставиле во првата група - ни изјави Фидо Мирчевски од Делчево, кој е дојден со сопругата како придружник. Фидо е инвалид, кој останал без едната нога по несреќен случај во 2005 година. Ни раскажува како детето донело дома граната што ја нашло негде на нива. Фидо се обидел да ја отстрани, но одеднаш буум - и веќе било доцна. Оттогаш е во пензија со 5.600 денари. Во Катлановска Бања имаше пензионери од цела Македонија, и тоа повеќе од внатрешноста отколку од главниот град. Со владината мерка за бесплатна бања се опфатени 10.000 пензионери, иако се пријавија над 25.000 пензионери. Целиот проект ја чини државата 90 милиони денари, од кои бањите ќе добијат по 900 денари на ден по пензионер. Освен во Катлановска Бања, пензионерите можат да одмораат и во Негорци, Гевгелија, Цар Самуил, Струмица, и во Дебарски Бањи. |
|||||||
|
|||||||
| Веста е прочитана: 262 Оценка: 3,67 | |||||||
|
|||||||
|
|