Основниот суд во Скопје пред две години го отфрли обвинението за злоупотреба на положбата со наредба за прогон на политички и идеолошки причини против Љубомир Фрчкоски, некогашниот министер на МВР, поради застареност. Јордан Петровски, прогонетиот, сé уште не се откажува од процесот во докажувањето на вината на Фрчкоски за неговото полициско досие.
Пред три дена Фрчкоски во својата последна колумна во „Дневник“ жестоко се залага токму овие судови да решаваат по случаите за полициски прогон од политички причини во периодот 1991-2008 година. Така сметаат и решија и уставните судии. Законот за лустрација предвидува да се лустрираат сите функционери од 1945 до 2008 година и за тоа да решава комисијата за верификација на факти (комисија за лустрација).
ПОЛИТИЧКИ ПРОГОН
Фрчкоски досега никогаш и никаде не го споменува случајот со Јордан Петровски, кумановецот што токму поради полицискиот прогон денес е со канадски пасош и веќе цела деценија, со своето полициско досие в раце, бара од скопскиот суд Фрчкоски да одговара, бидејќи неговото досие е отворено токму во времето на министерувањето со МВР на критички настроениот професор на Правниот факултет. Скопското обвинителство ја отфрли пријавата на Петровски поради застареност. Кумановецот тврди дека одлуката на обвинителството е пристрасна. Тој и натаму го гони Фрчкоски, сега по приватна тужба. Но и таа тужба, поднесена лани, стигна само до истражниот судија.
Фрчкоски како бранител на привремената одлука на Уставниот суд сите што поинаку мислат од него и од уставните судии ги квалификува како „трупови“, а нивните ставови како „моронштина“.
„Зошто аферите на злоупотреба на службата на државна безбедност би се решавале преку ‘лустрација‘ во демократска земја? Тие треба да се решаваат во судска постапка, каде што судот ќе ги добие по свој налог сите потребни досиеја и соработнички листи, поефикасно од која било комисија во парламентот. Пресудата на судот ќе дефинира казни за прекршителите во согласност со Кривичниот законик и ‘финита ла комедија‘... Но да се вратиме во нашава ‘моронштина‘! Имено, сметам дека треба да се застане во јавна одбрана на позицијата на Уставниот суд, како остров на преостанатата независност на деловите на политичкиот систем, кои патем со Устав се дефинирани како разделени и независни“, пишува Фрчкоски.
„НА МАЛКО ПОВИШЕ ПРИГЛУПИ ТРЕБА ДА ГИ ЦРТАШ...“
Неговата колумна предизвика гнев кај Петровски. Во неговото полициско досие јасно пишува дека бил следен и прислушуван од „политички и идеолошки причини“. А неговото досие е отворено во 1992 година, кога Фрчкоски беше министер за внатрешни работи по предлог на СДСМ, а Петровски беше еден од главните финансиери на ВМРО-ДПМНЕ. Професорот Фрчкоски на големиот број наши барања за коментар во врска со случајот „Петровски“ одбива да одговори. Петровски наведува дека досието му е отворено во согласност со Законот за државна безбедност - уредба 25/10 од 1992 година, со која се дозволува прогон на политички неистомисленици. Оваа уредба е тајна, не е објавена во „Службениот весник на РМ“, но е наведена во досието на Петровски.
- Со тој закон е овозможен законски прогон на политички и идеолошки неистомисленици, а тоа докажува дека Македонија ниту станала правна, ниту демократска држава, а она што е најзагрижувачко - продолжила по патот на Тито и диктатурата на пролетаријатот. Како во златните 1948-1949 година - вели Петровски.
Во својата колумна Фрчкоски е по малку нејасен и контрадикторен, кога барајќи основните судови да се занимаваат со случаи на полициски прогон од политички причини, бидејќи тие „суделе под притисок на власта“.
„Како што не е проблем власта што тужи новинари и интелектуалци за клевета! Проблем е судовите што судат под страв од неа, слабо и спротивно на практиката на Судот во Стразбур (што е задолжителна за нив). Ако редовните судови засечат една-две пресуди во согласност со практиката во Стразбур за клевета, веднаш ќе ја спуштат топката на власта да поднесува тужби“.
Дали ова значи дека судовите суделе под притисок на власта и кога тој беше министер, како што тврди Петровски, останува недообјаснето.
Во стил на Фрчкоски, Петровски му одговара:
- Гласноговорникот на политичко-полициското подземје повторно сака со трикот од Камени мост на „три шибице“ да нé убеди дека кој и да помисли дека е прогонуван, ќе може да поднесе тужба, а „судот ќе ги добие по свој налог сите потребни досиеја и соработнички листи“. Која моронштина, глупоќа и тупоќа на куб, што викамо ми кумановци. „На малко повише приглупи треба да ги црташ, па дали ќе разберев“. Треба некој да се смилува, па да му објасни на гласноговорникот дека зборуваме формално за досиеја до 2008 година, но реално за досиеја до 1998 година. Тие беа достапни со Законот за увид во лични досиеја. За прогонуваните од таа тура на носители на досиеја не постои, по сегашните закони, основа за гонење на лицата вработени во службата на државна безбедност, за злоупотреба на службена должност, поминати се роковите - ни напиша Петровски.
|
Фрчкоски за Уставниот суд во 2007 година
„Сегашниот
состав на Уставниот суд е локална катастрофа. Таква невидливост, таква
неспособност да се биде на ниво на позицијата и задача и се нема одамна
случено на македонска институција. Тоа се збир на изгубени души во
потрага по кариери надвор.
(Колумна во „Дневник“ по повод одлуката на Уставниот суд за Законот за употребата на знамињата на заедниците)
Фрчкоски за Уставниот суд во 2009 година
Имено,
сметам дека треба да се застане во јавна одбрана на позицијата на
Уставниот суд, како остров на преостанатата независност на деловите на
политичкиот систем, кои патем со Устав се дефинирани како разделени и
независни
(Колумна во „Дневник“ по повод одлуката на Уставниот суд за Законот за лустрација)
|
|
|