Шехерезад, хумор и иронија... на 13-та Златна бубамара на популарноста

Останати вести
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Bookmark and Share
 

Покрај наградите вечерта ја одбележа и специфичниот хумор, кој најмногу се вртеше околу актуелните ТВ-серии, новиот феномен наречен Фејсбук, текстовите во македонската музика, новиот урбанистички план, влезот во НАТО и Европа, хомосексуалците...

 
 
  
„Ово је шоу за све богате и сиромашне укучане, кои го сакаат убавиот животен филм“ - со овие зборови започна тринаесеттото издание на Златна бубамара на популарноста, манифестацијата што се одржа завчера вечерта во Универзалната сала и на која Радио бубамара им ги додели наградите на најуспешните во јавниот живот во Македонија и во регионот.

Целата приредба бликаше со хумор и иронија, а мошне впечатлив беше и нејзиниот симболичен почеток, кога по навистина долго време во исчекување на почетокот на сцената се појави организаторот Ранко Петровиќ велејќи дека целиот настан ќе се одложи поради мали недоразбирања. За да биде ситуацијата поуверлива, пред публиката се појави и директорката на Универзална сала, која давајќи некакви објаснувања само уште повеќе ги вџаши присутните, кои речиси беа спремни да си заминат од Универзална сала. Се разбира, сето ова беше дел од однапред планираното сценарио, по што се појави актерот Кирил Поп- Христов „обидувајќи“ се да ја „смири“ ситуацијата велејќи дека поради недоразбирањата тој ќе биде водител цела вечер. И, конечно, по низа нервозни реакции шоуто започна.

Водител и овојпат беше глумецот Сашко Коцев, кој со својот хумор предизвика вистинска бура од реакции обработувајќи актуелни теми од јавниот и политичкиот живот. Така, уште во самиот почеток публиката беше воодушевена кога на голем видеобим почна најавната шпица од турската телевизиска серија „Илјада и една ноќ“, која преку главната хероина Шехерезад ја плени цела Македонија.

Покрај актуелните серии хуморот најмногу се вртеше околу новиот феномен наречен Фејсбук, текстовите во македонската музика, новиот урбанистички план, влезот во НАТО и Европа, хомосексуалците... Темите беа толку суптилно опфатени што беше невозможно човек да не се насмее од срце.

Беа поделени голем број награди, а од нив посебно може да се издвои оние на Гарабет Тавитјан и неговите синови Дики и Гаро за проектот „Македонското срце чука во 7/8“. Браќата Тавитјан добија награда и за најдобри продуценти и аранжери, а спотот за темата „Елено ќерко“, во интерпретација на Масимо Савиќ, е прогласен за видеоспот на годината.

Награда за животно дело доби маестралната Вања Лазарова, која ја трогна публиката со својата изведба на добропознатата „Со маки сум се родила“.

Легендарните Оливер Мандиќ, Звонко Богдан и Бајага, кои исто така беа дел од оваа манифестација, добија статуетки за трајни музички вредности, а нивните изведби беа најдолгоочекувани од страна на публиката.

За најпопуларен хип-хоп пејач беше прогласен Слаткаристика, кој заедно со Тони Зен изведе неколку свои хита.

За интересниот проект „Не кажувај, либе, добра ноќ“ беа наградени Зоран Џорлев и Александар Митевски, кои на сечие изненадување наместо нешто од нивниот редовен репертоар, ја изведоа познатата песна што се појавува како лајт-мотив во веќе споменатата серија „Илјада и една ноќ“. Се разбира, публиката повторно беше воодушевена.

Хитот на годината е антологиската песна на „Конкорд“ - „Високи штикли и црни чорапи“, а за употребата на истоимената рок-нумера во реклама на „Ти-хоум“ е прогласена за најдобар комерцијален ТВ-спот.

- Работиме со многу љубов и горди сме што токму ние ја правиме најголемата манифестација на Балканот, на која може да се насмеат и позицијата и опозицијата. Нема поубаво чувство од тоа кога гледаш дека целиот еснаф функционира како едно. Сé помина одлично и драго ми е што барем една вечер во годината луѓето можат вистински да се опуштат - рече организаторот Ранко Петровиќ.

Целата манифестација веќе има стекнато добра репутација, а овојпат таа само уште еднаш се потврди и покажа дека Македонците се „очајни“ за шоуа од ваков тип. Преполната Универзална сала ечеше од смеа, а на самиот крај сите посетители можеа да уживаат во симпатичниот коктел, на кој можеа да се пробаат повеќе видови вина од винарницата „Стоби“, годинешниот спонзор на манифестацијата.




Биљана Стојановска
фото: Роберт Атанасовски
 
   
 
 
   
Веста е прочитана:           Оценка:
1 2 3 4 5
 
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
Toni
Nishto bez Kumanovci!!! Kocev e vo momentov najgolemoto osvezuvanje na makedonskata estrada sakale Vie da priznaete ili ne!!! Za zal i ponatamu se se 'vrti' okolu 'republika Skopje'! Razmislete zoshto ne ste omileni kaj ostanatiot del od MAKEDONIJA!?!
 
 
  Powered by Dejan Jovanovski