Во Хрватска на големо се заобиколуваат европските стандарди


Други вести
Највести
Коментари и дебати
Зоран Димитровски
Улогата на „Утрински весник“ во освојувањето на медиумските слободи
„Утрински весник“ ја цензурира мојата изјава за улогата на нивната главна уредничка Соња Крамарска во освојувањето на медиумските слободи во врска со нејзиното извинување до претседателот на Собранието. Еве дел од неа: „Како ...
 
Дарко Митревски
Карма
Можеш да ги собереш сите технички знаења на светов, можеш да се одереш од работа, да ги имаш вистинските контакти, да зрачиш со шарм на светски лидер, а сепак да не постигнеш ништо во животот, бидејќи ти недостига онаа магична ...
 
Александар Русјаков
Пцости и поделби
Јас сум сигурен дека СДСМ тера грчка надворешна политика, ама изгледа дека и ВМРО-ДПМНЕ си има своја улога во филмов. Не велам јас дека двете партии работат по директни директиви, ама среде пеколот на можното обезличување, свесни ...
 
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
 
 

Во јавноста и во стручните кругови како да кулминираат полемиките за оправданоста и за исплатливоста на влегувањето во Унијата. Главно се поставува прашањето дали беше превисока цената

 
 
  

 Во јавноста како да кулминираат дебатите за исплатливоста од влегувањето во ЕУ

ПЕТ МЕСЕЦИ ПРЕД ВЛЕГУВАЊЕТО ВО ЕУ

Хрватите веруваат дека договорениот датум први јули за официјалното влегување на Република Хрватска во ЕУ нема да се промени и долгоочекуваниот настан нема да биде поместен. Впрочем, уште од божиќните и новогодишните празници низ државата не помина ниту една манифестација, а да не биде истакнато големото задоволство со изодениот пат и заслужениот политички епилог. Посебен впечаток остави и премиерот Зоран Милановиќ, кој се обиде сите дополнително да ги мобилизира истакнувајќи дека влезот на Хрватска во ЕУ има космополитски карактер, бидејќи веќе сега е јасно дека Хрватска е последната земја што во оваа Унија влегува сама, а не во политички „пакет“, како што тоа беше случај со последното проширување на ЕУ, кога влегоа Бугарија и Романија. Тој на пластичен начин во епицентарот го стави промотивниот потенцијал што на први јули, во екот на пристапната процедура што ќе ја следи целиот свет, ќе ѝ биде на располагање на Хрватска, макар сосема кратко. Тој ден, според премиерот Милановиќ, Хрватска ќе биде во позитивна смисла најпривилегирана, а политички и медиумски најекспонирана во својата историја.

Цената на ЕУ
 
Од друга страна, во јавноста и во стручните кругови како да кулминираат финалните конфронтации и полемики во целиот дискурс, од оправданоста и исплатливоста на влегувањето во Унијата до бесконечните варијации за „подводните гребени“ на ЕУ со кои државата допрва ќе се соочи. Превисока ли беше цената?
Некои од аналитичарите на тоа прашање разочарувачки одговараат потврдно. Други велат дека цената всушност не е ни исплатена докрај и дека Хрватска сѐ уште е полигон на кој драстично се прекршуваат и заобиколуваат основните економски и политички постулати на Унијата. Исто е и со перманентната повреда на високите правни стандарди на ЕУ. Второто прашање што си го поставуваат Хрватите има и филозофска конотација. Имено, дали воопшто сега станува збор за истата онаа ЕУ што тие пред речиси две децении толку ја посакувале или за нешто сосема друго. Експертите предупредуваат и посочуваат редица параметри како егзактни индикации дека Европската Унија постојано се трансформира и во некои аспекти зачудувачки лесно се откажува од своите фундаментални постулати и принципи. Во оптек се тези и предупредувања дека во блиска иднина ќе може да се зборува за Унија А, Б па дури и Ц. Каде е во една таква грда футуристичка констелација местото на регионот, односно на големиот број држави што тргнале на пат кон ЕУ? Каде е во една таква визија Македонија, или некои други држави од Балканот? Може ли Хрватска, сега, кога го изоди својот пат, да ги охрабри и тие да продолжат во таа насока?

Меѓу хрватските интелектуалци преoвладува мислење и нема дилеми дека ЕУ пред една деценија беше мошне поефикасна и подобра во секој поглед, но во од се соочи со неочекувани и сериозни синдромски пречки. Пред сѐ, длабоки организациски, структурални и политички проблеми во рамките на самата Унија, а потоа и бранот на досега најголемата светска економска криза. Сепак, мислењето е дека ЕУ има потенцијал да ги исправи своите грешки, а на Македонија и на другите земји од поранешната Југославија им се препорачува да истраат на „европскиот“ пат, кој нема алтернатива. Тука, секако, е и прашањето на евроскептицизмот.

Нема алтернатива

Хрватските аналитичари сметаат дека евроскептицизмот генерира погрешен амбиент и наметнува лажни дилеми меѓу идните членки на Унијата. Според нив, станува збор за чувствителен инструмент во рацете на 2-3 развиени западни држави што на тој начин сервисираат калкулантски тензии во кризниот амбиент на ЕУ и хибридните ставови за начинот и роковите за натамошното проширување.

За да ги допреме и другите аспекти на оваа тема врзана за влегувањето на Хрватска во ЕУ, побаравме мислења од неколку личности од Хрватска.

Историчарот Иво Банац вели дека се претпоставува дека Хрватска на први јули ќе биде примена во ЕУ, но тоа сѐ уште не се знае сосема сигурно, оти постојат некои пречки.

- Како и да е, убеден сум дека трудот бил оправдан, бидејќи членството во ЕУ не е само влезница во една релевантна стопанско-политичка заедница со завидни демократски стандарди. Оттука, сметам дека цената не е превисока, дури би кажал докрај сѐ уште не сме ја платиле во целост, бидејќи во Хрватска сѐ уште има очигледни повреди на европските стандарди на владеење на правото. Но и тоа ќе се поправи со време - вели Банац.

На прашањето пак дали ова е Унијата што Хрватска ја очекувала, Банац одговара „и да и не“. Според него, ниедна држава, па ни заедница на држави, не е совршена, ниту може да биде. Тој европските интеграции, односно ЕУ, им ги препорачува и на Република Македонија и на другите балкански држави.

- Впрочем, што би можело да биде алтернатива? Потпирање на Русија или на Кина? Согласување на изолација или статус на некаква мафијашка држава? Евроскептицизмот можат да си го дозволат богатите Британци, иако и за нив би можел да се обложам дека ни таму референдумот за излегување од ЕУ не би поминал - укажува Банац.

Прифаќање директиви

- Се согласувам дека Хрватска досега само делумно ја платила цената за влегување во ЕУ, но ни оддалеку вкупната цена што допрва ќе мора да ја плати, приспособувајќи ги своето законодавство, правилата, прописите, односно вкупните општествени односи со правилата на економско-социјално развиените земји што ја диктираат политиката на ЕУ - смета Здравко Буразер, претседател на Хрватскиот синдикат за металска индустрија.

Особено е разочарувачко сознанието дека сите овие години на претпристапните преговори хрватската страна ниту се поставила како рамноправен преговарач, ниту пак некогаш така била третирана од страна на ЕУ.

-Тоа никогаш ни не биле преговори во вистинска смисла, туку еднострана директива што моравме да ја прифатиме. Во такви услови тешко може да се заштитат националните интереси, да се одржат самостојност и независност - посочува Буразер.

Според него, хрватските граѓани од ден на ден стануваат посвесни дека ЕУ не е „ветената земја“ и дека не ги чека благосостојба, туку уште поголема борба да го задржат стандардот, кој и вака е катастрофален и ги достигна најниските граници на човечкото достоинство. Ова, додава тој, добро го знаат сите тие, а пред сѐ Владата на Хрватска, но, и покрај тоа, поданички лазат и беспоговорно ги исполнуваат сите директиви, без да внимаваат на хрватските интереси. Притоа на хрватските граѓани им ги дозираат само оние информации што одат во прилог и во полза на оправданоста за влегување во Унијата.

ЕУ има смисла и интерес само за економски-социјално развиени членки со долгогодишни демократски традиции, за создавање единствен пазар и натпревар со стопанството на САД, како и сѐ поприсутното и поконкурентно стопанство на источните земји, пред сѐ Кина.

- Од друга страна, тешко може да се очекува дека малите земји, како што е Хрватска, или утре Македонија, со своите неконкурентни економии и социјално натрупани проблеми ќе го најдат својот интерес во краток рок во прегратките на ЕУ - заклучува Буразер. 


Ангел Митревски, Совет на националните малцинства
Македонците ќе бидат посреќни од Хрватите

Влегувањето на Хрватска во ЕУ на први јули оваа година ќе биде еден голем историски момент за сите нејзини граѓани, па и за припадниците на македонското национално малцинство во Хрватска, смета Ангел Митревски од македонската заедница во Хрватска, кој е и член на Советот за национални малцинства во Хрватска.
- Благодарение на политиката на Хрватска кон сите свои малцинства, па така и кон македонското национално малцинство, ние Македонците во Хрватска ќе имаме чест и привилегија да бидеме први што ќе влеземе во ЕУ, и тоа под уставното име Македонци, кои имаат право да се изјаснуваат како Македонци, да го учат македонскиот јазик како изборен предмет во основните училишта во цела Хрватска, да се изјаснуваат како христијани, припадници на Македонската православна црква и да имаат свој свештеник во Загреб - објаснува Митревски.
Тој укажува дека ова не е список на желби.
- Ова е реалност за која се изборија Македонците организирани во Заедницата на Македонците - додава Митревски.
Хрватска инаку има Лекторат по македонски јазик, во кој досега се запишани над 1.700 студенти, македонскиот јазик се изучува како изборен предмет во седум града од страна на над 150 припадници на македонското национално малцинство.
- Верувам дека Македонците од Хрватска ќе бидат посреќни од самите Хрвати, бидејќи со влегувањето во ЕУ како Македонци, самата Унија ќе мора кога и да е да сфати дека на еден народ можеш насила да му земеш сѐ, освен неговото достоинство, јазик, култура, неговото име, и се надеваме дека нашите политичари што ја водат денес Македонија ќе ги издржат сите овие притисоци и дека нема да има никаква спогодба за името Република Македонија.


 

 
   
Автор: Сашо Георгиевски наш дописник од Хрватска  
 
   
   
   
     
сподели на пинг    
 
   
Веста е прочитана: 852          Оценка: 4,75  
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
БЛБ
Почитувањето на правата на Македонците во Хрватска зботува за нејзиниот висок демократски капацитет! Секоја чест!
 
 
  Powered by Dejan Jovanovski