|
|
Историцизмот е секаде присутен |
|
||||||||||||||||||||||||
Навраќањето на минатото е многу карактеристично за целата европска архитектура. Иако, неокласиката е карактеристика на крајот на 19 век, факт е дека ја има и сега, во постмодерната. Во многу европски центри, во Германија, Австрија, па дури и во Франција, историцизмот како тренд е многу присутен. Иако можеби не, на ваков, толку флагрантен, начин, вели Панче Велков, експерт за културно наследство |
|||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||
| Идејата за проектот „Скопје 2014“ е потребна, неопходна и оправдана од повеќе аспекти, особено естетски, бидејќи навраќањето кон минатото е многу карактеристично и за целата европската архитектура. Не е спорно ни тоа што неокласиката, како навраќање кон античките вредности, некаде се случувала кон крајот на 19 и почетокот на 20-от век, бидејќи ја има и во постмодерната, тврди Панче Велков, експерт по културно наследство и претседател на граѓанската организација „Македонида“. - Од аспект на културно наследство, дури и да нема барок или неокласика во Македонија, тоа не ја исклучува потребата да се изгради објект во неокласичен стил. Зградата на судот во „Скопје 2014“ личи на некој грчки храм. Не знаеме дали такви храмови кај нас имало или немало, сигурно е дека нема такви остатоци. Но, токму недостигот од такви примероци може да направи една таква градба да биде многу интересна - вели Велков. Според него, навраќањето на минатото е многу карактеристично за целата европска архитектура. - Иако тоа се правело кон крајот на 19 век, факт е дека го има и сега, во постмодерната. Во многу европски центри, во Германија, Австрија, па дури и во Франција, историцизмот како тренд е многу присутен. Иако можеби не, на ваков толку флагрантен начин. И кога се правел Сенатот во Париз, каде потоа е преселен парламентот, тој бил изграден во неокласичен стил. И тоа не затоа што имало такво нешто во Франција, туку затоа што државата тогаш имала потреба да се идентификува со некои такви вредности, државата морала да си зададе културна мисија во зачетоците на француската империја - вели Велков. Тој посочува уште еден пример од европската традиција. - Кон крајот на 19 век во Англија многу силно се развива еден правец кој се нарекува неоготика. Тоа не значи дека во Англија немало готски цркви, имало, и тоа цркви од исклучителна важност. Прашањето е зошто кога веќе постоеле такви цркви, да се прават нови во истиот стил? Кич или нешто друго? Меѓутоа, општеството имало потреба од нив. Овој правец многу се раширил и во Америка. Тоа враќање кон старите стилови, но и кон сопственото културно наследство сега не е цел на критика. Овие цркви и во Англија и во Америка се валоризираат. Интересно е дека тие не се копии, туку се комплементарни на постојните, што им дава посебна вредност - вели Велков. На прашањето дали и македонското општество има потреба од навраќање кон минатото или можеби власта сака да остави споменик за своето владеење Велков одговара потврдно. - Тоа е многу легитимно, особено ако се земе предвид тоа што се случува со Македонија, со меѓународното признавање на идентитетот. Легитимно е ако власта сака да остави нешто зад себе. Не мора да одиме далеку во историјата, за тоа како се однесувал Јустинијан Први во Цариград. Да се свртиме на поблиското минато. Пред 20 години живеев во Франција, беше голема криза таму во 90-тите години, имаше многу невработени. Но, тогаш се изградија големите проекти на Франсоа Митеран, пирамидата на Лувр, големата библиотека... Се фрлаа дрва и камења, бидејќи овие проекти чинеа тешки милијарди. Немаше ниеден човек кој кажа нешто позитивно, Французите беа масовно против. Но, сега е поинаку - вели Велков. Сепак, тој има и негативни критики во однос на проектот кои се однесуваат на конкретни примери. - Таканаречената Триумфална капија е проблематична. Велат дека таа е симбол на независноста на Македонија и дека не мора низ неа да поминувале војсководители за да биде поставена тука. Но, едно мало историско истражување на ваквите објекти, кои се многу амблематични во европската историја, покажува дека низ ваквите капии секогаш поминувале војсководителите по извојувањето на некоја победа. И во Рим и во Париз е така. Но ние, за среќа, не сме морале да имаме некакви битки за да ја извојуваме независноста. Затоа во однос на концептот е проблематична. Друг проблем е што таа не е ни модернизирана верзија, ни реплика на Триумфалната капија, туку многу личи на неа и тоа секој лаик може да го види - вели Велков. Не му се допаѓаат ниту интервенциите на зградата на Собранието. - Тие куполи одозгора ми личат на Рајстагот во Берлин. Но, таму објектот е копија на оригиналната зграда која изгоре. А, нашиот не е копија на ништо. Тоа е оригиналната зграда, која е тешко оштетена од земјотресот, санирана и лудост е да се додаваат елементи одозгора. Тоа е сериозна работа особено што Собранието е објект од првостепено национално значење, па поради функцијата треба многу да се внимава. Згора не сé, Скопје е град со високосеизмички ризик - вели експертот за културно наследство. Според него, многу е важно како новите објекти би функционирале со постојното културно наследство. - Културното наследство е многу специфично, тоа се објекти кои постојат или кои постоеле, ама чие влијание сé уште е големо. Во Скопје имаме византиски цркви, отомански споменици со нивната архитектура, но немаме традиција на модерната, бидејќи таа не заживеала доволно. Немаме историска дистанца од тие модерни објекти за да може да ги сметаме за културно наследство. Архитектите можеби ќе ви кажат дека зградата на поштата е културно наследство, ама јас мислам дека не е. Не може да се стави во ист кош со црквата „Св. Пантелејмон“, која ја има во секоја монографија. Би сакал да видам како новите проекти ќе воспостават дијалог со постојното културно наследство. Тие треба да комуницираат со културното наследство што го имаме - вели Велков. Во моментов, целиот проект „Скопје 2014“ нема врска со културното наследство, потенцира тој и додава дека некогаш можеби тоа ќе стане, доколку проектот се реализира, ако не до 2014-та, барем до некоја година подоцна, но не и ако се оддолжи како што често се случува со вакви грандиозни проекти. Визијата, вели Велков, новиот лик на Скопје да привлече туристи е нереална. Според него, туристите треба да се привлечат со тоа што веќе го имаме како културно наследство: манастирите црквите, иконописите...
|
|||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||
| Веста е прочитана: Оценка: | |||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||