Фотомонтажа за тоа каде се наоѓала скокалницата на Попова Шапка
Периодот околу новогодишните празници традиционално сите спортски очи се вперени кон Оберсдорф, Гармиш-Партенкирхен, Инсбрук и Бишофсхофен или магијата што се нарекува турнеја „Четири скокалници“, која датира од 1952 година. Скијачките скокови се еден од најатрактивните зимски спортови, но малку кој знае дека во зачетоците на овој спорт тој стигнал дури и до Македонија.
Првата и единствена ски-скокалница кај нас била изградена на Попова Шапка кон крајот на 40-тите години на минатиот век. Денес остана само кулата од камења, покрај ски-лифтот “Мал Јелак“, за да сведочи за времето кога на Попова Шапка постоела ски-скокалница.
Според книгата на Мирчо Савоски, „Развојот на скијањето во Вардарска Македонија од 1917 до 1957 година“, скокалницата почнала да се гради во летото 1947 година. Таа била пуштена во употреба на 10 февруари 1948 година, а била со должина од 35 метри.
Легендата на македонското алпско скијање Јахја Рефики, меѓу тетовци познат како Јаја, имал само 11 години кога била изградена скокалницата на Попова Шапка, но годините не биле пречка редовно да се спушта по патеката. Како скијач, но и со оглед дека шеф на градењето на скокалницата бил неговиот татко, Рефики постојано бил на Попова Шапка. Иако веќе му бледнеат сеќавањата, тој вели дека сепак не може да ги заборави згодите и незгодите од скокалницата.
ОПАСНИ СКОКОВИ
- Кулата што имаше четири ката беше изградена од камен и песок, што се наоѓаше во околината на Попова Шапка. Греди се правеа на самото место во месноста Јелак, а сиот материјал се носеше со коњи - раскажува Рефики, кој и самиот помагал во изградбата.
Карактеристика на скокалницата било тоа што на слетување (доскок) немало рамнина, туку по неколку метри почнувал рид со спротивна поставеност од ридот каде што била кулата, па редовно се случувало скокачите да паѓаат и да се повредуваат.
- Таквата поставеност беше причина многу често да паѓаме кога со скиите ќе ја допреме земјата.
Скијачите кршеа нога или рака, добиваа набиеници, но скокалницата беше многу атрактивна и редовно беше посетена. Тие што скокаа, додуша, не го правеа тоа како сега, со припиени раце и раширени нозе, туку секој се поставуваше како што сметаше дека треба. Се случувало некој и со двете раце и со двете нозе да мавта при скокањето, но сепак да слета на рамнината - вели Рефики, кој и самиот во случај да се повреди продолжувал со скокањето.
Скијачите можеле да скокнат најмногу триесетина метри, со оглед на тогашните можности. Се скијало со дрвени скии и без некоја дополнителна опрема.
- Сами го тапкавме снегот. Со дрвените скии одевме сантиметар по сантиметар нагоре по скокалницата за да се истапка снежната површина за да може потоа да се спуштиш и да скокнеш. И самиот мост на скокалницата беше направен од дрво - раскажува Рефики.
ПО ТРИ ГОДИНИ ОСТАНА САМО КУЛАТА
По скокањето било потребно дваесетина минути пеш од рамнината да се врати некој на скокалницата, да се искачи на кулата за повторно да скокне. Кулата имала четири ката, секој со по една просторија од која можело да се излезе на мостот и да се скокне. Во зависност од временските услови, се скокало и од повисоките катови. Само на најдобро време се скокало од четвртиот кат на кулата, додека првиот бил за оние што првпат скокале.
- Иако бев дете, со само 11 години бев вешт скијач и редовно скокав од скокалницата - вели Рефики, кој пет пати бил државен првак на СФР Југославија, во алпско скијање.
Скокалницата постоела до 1951 година. Потоа, бидејќи била од дрво, а никој не ја одржаувал, почнала да скапува. Постоеле обиди повторно да се изгради подоцна, додека и самиот Рефики бил директор на Попова Шапка, но според него, стручните лица тоа не го дозволиле бидејќи во непосредна близина биле изворите за вода од кои се снабдувал градот Тетово.
Така, останува само сеќавањето на овие пионери на македонското ски-скокање да сведочи за зачетоците, па до изумирањето на еден од најатрактивните зимски спортови.
| Муња: Скокалницата беше атракција! |
Скокалницата на Попова Шапка повеќе беше атракција отколку што на неа се
натпреварувавме, ние ни тогаш ни сега немаме некои квалитетни
ски-скокачи, вели Радован Богоевски-Муња, еден од првите скокачи на
Попова Шапка.
- На Шапка сум израснат, што се вели, ме знаат и волците. Завршив курс
по скијање, во кој беше вклучено и скокањето, па така и почнав. Моите
најдобри скокови беа околу 11,5 или 12 метри, што мислам дека е некој
вид македонски рекорд на таа скокалница - се сеќава популарниот Муња.
|
Рекорд на скокалницата - 31 метар
|
Прв на скокалницата скокнал Ацо Стојановски, скијач од Тетово, а
рекордер е Словенецот Јанез Колишек од екипата Шент Вид, кој двапати
прескокнал 31 метар на Младинското скијачко (или како што тогаш го
нарекувале - смучарско) првенство на Југославија во 1951 година. Ова
претставува рекорд на скокалницата во младинска и во сениорска
категорија.
Во тоа време скијачи што скокале од кулата биле и Вуко Савиќ, Јован
Савиќ-Нуци, Радован Богоевски-Муња, Диме Флејта, Чанак, Бранко
Хаџииљоски-Чајка, Насип Рамдани, браќата Неби и Аљуш Зендели, како и
Нуриман Велиу. |
Македонскиот скокачки рекорд е 62 метри?
|
| Во 1952 година македонскиот скијачки клуб Работнички учествувал на
државно првенство на железничарски клубови во Словенија. Гога Попов
Помладиот, иако бил алпски скијач, добил задача да скока на
60-метарската скокалница на Планица, за Македонија да има претставник и
во ски-скокови. Тој без никаква подготовка од прва прескокнал 62 метри,
што веројатно претставува и македонски државен рекорд. Овие податоци се
според сеќавањата на доајенот на македонското спортско новинарство Ивко
Панговски.
|

Една од ретките фотографии од натпревар на скокалницата
|
|