ТОМЕ АЏИЕВ ГО ПОВИКУВА ЛУСТРИРАНИОТ ЕКСМИНИСТЕР
Поради кодошењето на Ѓунер Исмаил во 1980-тите години, група ученици настрадале со тоа што биле исклучени од училиштето, прекршочно казнети, а дел од нив завршиле и во затвор, вели Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на фактите, која во петокот го лустрира поранешниот министер во Владата на СДСМ.
- Наместо да зборува за рушење и за минирање споменици и објекти, подобро е Ѓунер Исмаил да се сконцентрира на документите што в понеделник ќе ги објавиме, а се однесуваат на неговата соработка со тајните служби.
Никој ништо не ни подметнал нам како на комисија, ниту пак некој се плаши од Ѓунер Исмаил за да не го спроведеме процесот на лустрација понатаму. Сето ова што тој го говори по медиумите е само замајување на јавноста и дефокусирање на вниманието. Ние пронајдовме документи и во тие документи јасно стои дека тој бил соработник и ги кодошел учениците на кои им бил класен раководител. На службите им кажувал дека таа група ученици пееле албански песни и името на државата Албанија го пишувале со големи букви. Токму поради ова, овие млади луѓе биле избркани од училиштето, против нив биле поведени прекршочни постапки и биле казнети, а неколкумина од нив завршиле и во затвор. Ѓунер Исмаил треба да каже дали е ова вистина или не е, а не да зборува за сосема други работи што немаат врска со лустрацијата - вели Аџиев.
Во СДСМ се дискутира радикално
Тој додава дека во текот на денешниот ден ќе бидат објавени сите документи, така што вистината комплетно ќе излезе на виделина.
- Ѓунер Исмаил сам си придава важност што ја нема. Свесен е дека е виновен, па кога веќе ќе биде лустриран сака тоа да го направи со голема помпа, која нема да му помогне - вели Аџиев.
Во интервју за домашна кабелска телевизија Ѓунер Исмаил потврди дека Социјалдемократскиот сојуз планира рушење на спомениците од проектот „Скопје 2014“ кога ќе дојде на власт. Исмаил, кој вели дека ја поддржува филозофијата на „францускиот клуч“, т.е. демонтирање на спомениците, која неодамна ја презентира неговиот пријател Љубомир Фрчкоски, го открива и сценариото на опозицијата. Тој тврди дека во СДСМ се разговара многу порадикално отколку што некој може да замисли.
- Теоријата на францускиот клуч апсолутно ја поддржувам, особено за некои споменици што се навреда за нашиот вкус, кои се навреда за интелигенцијата на граѓаните. Конкретно од оној воин, сосе татко му, мајка му и роднините, па натаму, сосе Никола Карев, непропорционалниот Никола Карев пред Собранието, целата таа булумента таму наспроти Собранието, која служи за потсмев - изјави Исмаил.
„Цар Самуил“ во Охрид, портата „Македонија“ во воздух
Дел од спомениците ќе биле дислоцирани, како на пример „Цар Самуил“, кој ќе му бил подарен на Охрид, а другите ќе биле демонтирани и стопени.
- Некои, пак, се разбира ќе бидат предмет на обработка на металуршката индустрија. Во советите на СДСМ ќе се изненадите, ама се дискутира многу пожестоко отколку што можете да прочитате по колумни. Таму дискусиите се многу пожешки, многу порадикални. Се разбира, јавноста не е присутна, добиваат понекое штуро соопштение, но таму се дискутира безмилосно, радикално… за разни прашања. Во сите совети на СДСМ, тоа не е необично - додава во интервјуто Исмаил.
За портата „Македонија“, Исмаил тврди дека ќе ја доживее судбината на сите дивоградби.
- Не гледам причина зошто и минирање да не биде опција. Ако експертите кажат дека таа не треба таму да биде, нема да биде - вели тој.
Членовите на Комисијата за верификација на фактите со шест гласа „за“, два „воздржани“ и три гласа „против“, оценија дека тој бил соработник на тајните служби од идеолошки причини. Од декември досега се пронајдени нови документи и сознанија врз чија основа членовите на комисијата ја донесоа оваа одлука. Во документите поранешниот министер се именува како оперативна врска, а има потпишано и своерачна изјава за акцијата насловена „Трговци“. Во неа биле опфатени и малолетници чиј класен раководител бил професорот Ѓунер Исмаил, и неговите изјави ги дополниле досиејата на учениците, од кои некои биле избркани, а дел завршиле и во затвор.
|
|