САКАЈТЕ ЈА МАКЕДОНИЈА
 
   Во рамките на прославата на 65-годишнината од излегувањето на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ го почнавме проектот наречен „Сакајте ја Македонија“.

За да ја продолжат промоцијата на Македонија, „Нова Македонија“ и сајтот „ MkLovesYou “ ги здружија силите за организирање серија настани што имаат истата и заедничка цел: да му се соопшти на светот вистината за Македонија, како автентична, вистинска и зачудувачки убава земја. Во изминатите две години пораката „Македонија ве сака“ допре до повеќе од 150 земји. Таа беше топло примена, а одговорот секогаш беше фантастичен. Многумина почнаа да планираат посета на Македонија. Многумина изјавија дека ја сакаат земјата, која претставува едно уникатно место во срцето на Југоисточна Европа.

Првиот настан што ќе биде спроведен од проектот „Сакајте ја Македонија“ е специјално офлајн-издание на „ MkLovesYou “, кое „Нова Македонија“ ќе им го претстави на сите свои читатели во блиска иднина. Тоа исто така ќе биде испратено со насмевка до луѓето што се надвор од земјата, исто како и до најразличните меѓународни организации, во знак на благодарност и охрабрување: Love Macedonia!/Сакајте ја Македонија!

За сите оние што ги претпочитаат печатените зборови, наместо виртуелните, проектот подготвува уште едно убаво изненадување, еден специјален водич што ја претставува Macedonia from the heart!/Македонија од сé срце. Водич исполнет со уникатни приказни и факти, кои тешко можете да ги најдете во комерцијалните водачи. Водич што ги споделува оние едноставни впечатоци, кои се убави како што е убав животот во Македонија и што се пријателски како што се Македонците.

„Нова Македонија“ и „ MkLovesYou “ планираат да ги поканат читателите и сите пријатели на Македонија да придонесат за овој водич. Всушност, водичот можеби е првиот што ќе претстави нешто повеќе од зборови и факти, обидувајќи се да ги изрази чувствата на посетителите на Македонија, кои ги понесуваат во нивните срца и умови, чувства што Македонците ги споделуваат со нив.

Најверојатно наскоро ќе чуете за светскиот избор за најдобра фотографија и впечаток на Македонија. Отворајќи нови врати, партнерите на проектот „Сакајте ја Македонија“ би сакале да ги видат сите како се заљубуваат во прекрасната Македонија!
 
 
   
   
  
 
 
  Powered by Dejan Jovanovski