ИНФОРМАЦИИ ЗА УЧЕСНИЦИТЕ

- Сите учесници што ќе влезат во водите на Вардар да имаат лесен појадок најмалку час и половина пред да се капат.

 - Да не пијат алкохол и да не се загреваат со топли пијалаци пред да влезат во водата

- Капачите, пред да се нурнат во водата, малку да постојат во неа и да го испрскаат телото, за да се навикнат на температурата

- Учесниците со себе мора да ја имаат и потврдата што ќе им биде издадена од спортска медицина, затоа што без потврда нема да им биде дозволено да учествуваат во манифестацијата

 - Во 9 часот на 19 јануари во Скопје се одржува света божествена литургија во  црквите „Свети Димитрије“ и „Света Богородица“. Владиката г.г. Стефан од „Света Богородица“ со светата литија се упатува кон мостот кај „Холидеј ин“, каде што ќе соберат голем број верници

- Манифестацијата во чест на еден од најголемите христијански празници Богојавление-Водици ќе се одржи кај мостот „Слобода“, во близината на хотелот „Холидеј ин“

- Сите учесници на мостот „Слобода“ мора да пристигнат до 9.30 часот

- Со секој од учесниците ќе бидат пропуштани најмногу по двајца придружници за кои ќе биде обезбеден посебен бокс по должината на кејот за да се избегнат турканици и метежи.

 - Оваа година најсреќниот од манифестацијата за Водици ќе добие бесплатна годишна претплата од дневниот весник „Нова Македонија“. За сите други учесници ќе има бесплатна месечна претплата од весникот

 - За најсреќниот што ќе го фати осветениот крст, кумата на манифестацијата има приготвено пригодни подароци,  плазма-телевизор и икони од осветените места во Ерусалим

 - Евиденцијата на учесниците на денот на одржување на манифестацијата, ќе биде на три пункта, каде што ќе има списоци по азбучен ред на сите учесници.

 - Просторот околу мостото кај „Холидеј ин“  од каде што владиката г.г. Стефан ќе го положи крстот во Вардар ќе го обезбедуваат обезбедувачи од агенциите „Никоб“ и „Уна“

СОСТОЈБА НА ВОДАТА ВО ВАРДАР 

 - ДЛАБОЧИНА НА ВОДА - 1.80 МЕТРИ

 - ПРОТОК ВО m3 - 22.10

- ТЕМПЕРАТУРА НА ВОДАТА 8-11 ЦЕЛЗИУСОВИ СТЕПЕНИ 

 


Ана Марија Вуковска прва кума за Водици во Скопје

Дваесет и шестгодишната Ана Марија Вуковска оваа година ќе биде кума на манифестацијата, во чест на еден од најголемите христијански празници Богојавление-Водици, која ќе се одржи в недела, 19-ти овој месец, кај мостот „Слобода“, во близината на хотелот „Холидеј ин“. Ана Марија вели дека за неа е голема чест и привилегија што токму таа е избрана да биде кума.

- За најсреќниот што ќе го фати осветениот крст, имам подготвено пригодни подароци. Плазма-телевизор и икони од осветените места во Ерусалим се подароците што ќе ги врачам во мое име и во име на моето семејство. Во чест на кумството за еден од најголемите христијански празници Богојавление-Водици, ќе учествувам и во изградбата на црквата „Свети Серафим Саровски“, која се наоѓа во близината на Бигорскиот манастир - вели Вуковска.

Таа додава дека е многу возбудена за кумството и очекува сѐ да помине во најдобар ред. Се надева дека кумството оваа година ќе им донесе среќа и бериќет, а на сите верници им посакува да ги следат здравје и благосостојба.

Последниот купон со кој сите заинтересирани граѓани ќе можат да се пријават за учество на манифестацијата ќе излезе денеска во нашиот весник. Пополнетиот купон може да се донесе лично во редакцијата, на улицата Васил Ѓоргов бр. 37, или да се испрати по пошта. Право на учество имаат сите заинтересирани полнолетни граѓани.

Досега во нашата редакција стигнаа над сто купони од граѓани, меѓу нив има и капачи што со децении скокаат по светиот крст, но и почетници што досега никогаш не учествувале. Има пријавено едно девојче и неколку малолетници што ќе учествуваат со дозвола од родителите.

Пријавените кандидати на местото на настанот треба да дојат во 10 часот, најмногу со двајца придружници, а г.г. Стефан ќе го положи крстот во осветените води на Вардар точно напладне.

Капачите со себе мора да ја имаат и потврдата што ќе им биде издадена од спортска медицина, затоа што без потврда нема да им биде дозволено да учествуваат во манифестацијата. Од спортска медицина и Црвениот крст на градот Скопје им препорачуваат на капачите да имаат лесен појадок и да не пијат алкохол и топли напивки за загревање.                                      


 

 

 


  Powered by Dejan Jovanovski